Претставување на новата Анти-корупциска Програма и Акционен план 2026-2029
Вести
- Почетна
- >
- Вести
Претставување на новата Анти-корупциска Програма и Акционен план 2026-2029
На 25 ноември 2025 година, во свечената сала на Врховниот суд на Република Северна Македонија, Судскиот совет на Република Северна Македонија ја претстави Предлог Програмата и Акциониот план за спречување и следење на корупцијата во судството 2026-2029. Документот, кој претставува важен чекор за правосудниот систем и европските интеграции на државата, беше изготвен со поддршка од Фондот за борба против корупцијата при Француската агенција за развој и во соработка со Државната комисија за спречување на корупцијата на Република Северна Македонија.
Претседателот на Советот м-р Александар Камбовски на настанот посочи дека судството има двојна улога, да пресудува во коруптивни предмети, но и да спречува појава на корупција внатре во сопствениот систем. Документот е насочен токму кон адресирање на коруптивните појави однадвор, но и внатре во судскиот систем, со крајна цел консолидирање на судската независност, управување засновано на заслуги, отчетност и враќање на довербата на јавноста во правосудниот систем на државата.
Новата Програма со Акциониот план ќе го зајакнат управувањето со судството преку зајакната отчетност и транспарентност на Судскиот совет, а од друга страна, ќе вградат интегритет и антикорупциски практики во секојдневното функционирање на судските институции.
Во изминатиот период во организација на Судскиот совет на Република Северна Македонија се одржаа и тркалезни маси на подрачјата на Апелационите судови во Скопје, Битола, Гостивар и Штип на кои пред судиите и судската служба беше презентиран предлогот за донесување на нова Програма со Акционен план за спречување и следење на корупцијата во судството.
Судскиот совет на Република Северна Македонија во првата недела од месец декември 2025 година, преку усвојување на Програма и Акционен план за спречување и следење на корупцијата во судството 2026-2029 ќе ја исполни обврската на одговорна институција согласно Реформската агенда на ЕУ за Северна Македонија 2024-2027 за постигнување на овој чекор во областа Владеење на правото, подобласт Независност, квалитет и интегритет на судството, со рок на донесување декември 2025 година.